Selen Temizer
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го опиша руското соборување неактивен сателит во орбитата како „непромислен“ потег и рече дека тоа е штетно за безбедноста на вселената, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг даде изјава за медиумите пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на Европската Унија (ЕУ).
Наведувајќи дека НАТО е информиран од САД дека Русија со проектил погодила неактивен сателит во орбитата, Столтенберг рече: „Искрено, непромислен чин е Русија да собори и уништи сателит што се тестира.“
Потенцирајќи дека руската акција претставува ризик за цивилните активности во вселената, Столтенберг рече: „Тоа е исто така загрижувачко од аспект на тоа дека Русија во моментов покажува дека развива нови системи за оружје што можат да соборат сателити.“
Меѓу другото, Столтенберг рече: „Сателитите на сојузниците на НАТО во вселената се исклучително важни во однос на комуникациите, навигацијата и системите за рано предупредување за она што се случува на Земјата.“
- Порака до Русија за Украина
Укажувајќи на големата и невообичаена концентрација на руската Армија во близина на украинската граница во последните неколку недели, Столтенберг рече: „Сега сметаме дека е исклучително важно да испратиме јасна порака до Русија за намалување на тензијата. Бидете транспарентни и избегнувајте ескалација на ситуацијата во Украина и нејзината околина.“
- Министрите за одбрана на ЕУ се состануваат за да разговараат за прашањата за одбраната и безбедноста
Осврнувајќи се на целта на ЕУ да може да дејствува понезависно по прашањата за одбраната и безбедноста, Столтенберг рече: „Ги поздравуваме зголемените напори на сојузниците на ЕУ во однос на одбраната. Сепак, се разбира, НАТО ќе продолжи да биде камен-темелник на европската безбедност.“
Министрите за одбрана на ЕУ во моментов одржуваат состаноци за да разговараат за зајакнување на Унијата во областа на безбедноста и одбраната, за конкретни проекти и соработка со трети земји, особено со САД.
На состанокот, на кој во еден дел присуствуваше и Столтенберг, се очекува да биде стручно оценет документот „Стратешки компас“ со кој се поставува рамката за понезависно делување на ЕУ во однос на одбранбените и безбедносните прашања.
Документот е одговор на прашањата за „предизвиците со кои се соочува ЕУ, како земјите од ЕУ можат да дејствуваат заедно и за тоа како Европа може да го искористи и зголеми своето влијание“.
Меѓу другото, документот вклучува предлози, како што се создавање „сили за брзо распоредување“, редовни вежби и заемно корисна соработка со трети земји.