Cüneyt Karadağ
18 Декември 2020•Ажурирај: 19 Декември 2020
БЕРЛИН
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека Германија треба да биде горда на своите научници и челници на компанијата „БајоНТех“, проф. д-р Угур Шахин и Озлем Туреџи, кои ја развија вакцината против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
По повод 75-годишнината на основањето на ОН, првиот човек на таа организација, Гутереш, се обрати на пратениците на германскиот Парламент.
Изразувајќи благодарност на научниците по потекло од Турција, Шахин и Туреџи, Гутереш изјави дека раководството на ОН моментално има задача вакцината да ја направи добра и достапна за сите луѓе во светот.
„Мораме да се бориме и против дезинформирањето и популизмот. Популистичките реторики кои не се осврнуваат на науката, туку на теории на заговор, само ги дезинформираат луѓето и ни ја отежнуваат борбата против коронавирусот. Затоа ОН ги промовираат советите и препораките кои се базирани исклучиво на научни истражувања и факти“, порача Гутереш.
Укажувајќи на последиците на пандемијата на Ковид-19 во светот и на повеќе од 1,5 милиони смртни случаи, Гутереш изјави дека светот е соочен со една од најголемите економски кризи на модерниот период.
„Економиите пропаѓаат, фирмите се затвораат, расте невработеноста, луѓето страдаат низ светот. Далеку сме од остварување на целите на одржлив развој“, изјави Гутереш.
Истакнувајќи дека пандемијата се заканува на иднината на човештвото, Гутереш изјави дека пандемијата ги открила сите слабости на меѓународниот систем во кој најмногу страдаат најслабите, и порача дека решението и излезот од кризата можат да бидат плод на глобалната борба и соработка.
Првиот човек на ОН, Гутереш, исто така изјави дека е видливо паѓањето на хуманите вредности, и порастот на антисемитизмот, исламофобијата и ксенофобијата и други облици на дискриминација.
„Историјата нѐ учи дека политиките кои се потпираат на омраза, обвинување и судири, секогаш и без исклучоци водат кон катастрофа“, изјави Гутереш.