İlyas Tayfun Salcı
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
ЛОНДОН (АА) - Весникот „Гардијан“ тврди дека Русија дала голема сума пари на некои Британци, вклучително и политичари и поранешни разузнавачки службеници, за да служат на руските интереси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста во „Гардијан“, што се заснова на тајни изјави на инвеститорот Бил Браудер дадени за британскиот Парламент, руската држава воспоставила „мрежа на интереси“ во Велика Британија давајќи „големи суми“ на политичари, поранешни разузнавачи, поранешни дипломати и фирми што работат во областа на односи со јавноста.
Се тврди дека Русија оваа мрежа ја користи за да се нападне опозицијата на претседателот Владимир Путин, а исто така и да се зајакне руската кампања во Велика Британија.
- Извештајот на Комисијата не е објавен
Извештајот на Комисијата за разузнавање и безбедност, што го испитува руското влијание, вклучувајќи ги и изјавите на Браудер, беше подготвен во ноември, минатата година.
Сепак, извештајот подготвен по двегодишна работа не беше објавен од страна на Владата на Борис Џонсон.
Браудер, сопственикот на „Hermitage Capital Management“, кој во еден период беше еден од најголемите странски инвеститори во Русија, во 2005 година беше избркан од земјата.
Русија издаде меѓународна потерница за Браудер под обвинение за затајување данок и намерен банкрот на компанијата.
Сергеј Магнитски, адвокатот на Браудер, кој водеше кампања за воведување санкции против Русија во САД и западните земји, почина во 2009 година, за време на притворот во Русија.
Во САД, санкциите наметнати за властите вклучени во настаните во 2012 година беа наречени „Законот на Магнитски“.