Ali H. M.Abo Rezeg
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
КАИРО (АА) - Претставниците на земјите членки на Арапската лига денес во Каиро започнаа вонреден состанок на кој разговараа за неодамнешните израелски заострени мерки против палестинскиот народ, јавува Anadolu Agencuy (AA).
Според последната изјава на палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал Малики, одржувањето на вонредниот состанок на Лигата го побарала Палестина, со цел да се дискутира за порастот на израелското насилство
Во текот на минатата недела, најмалку петмина Палестинци беа убиени од страна на израелските сили, а десетици беа повредени низ окупираниот Западен Брег.
Минатиот петок, Здружението на палестински затвореници соопшти дека за период од 48 часа израелската војска привела околу 100 Палестинци низ Западен Брег и Источен Ерусалим (Кудс).
На почетокот на состанокот, помошникот генерален секретар на Арапската лига, Саид абу Али, го осуди однесувањето на некои земји за признавањето на Ерусалим како главен град на Израел.
Во своето обраќање, Абу Али истакна дека прашањето за Палестина ќе остане на врвот на агендата на Лигата.
„Палестинскиот народ не е сам и нема да биде сам“, порача тој.
Во неделата, Ал Малики соопшти дека палестинските власти ќе поднесат нацрт-резолуција на денешниот состанок на Лигата, која ќе содржи бројни предлози и препораки.
„Прашањата на агендата на состанокот“, рече тој, „ќе ги вклучи неодамнешните ескалации во Палестина предизвикани од Израел и најавеното признавање на Ерусалим како главен град на Израел од страна на Бразил.“
Во ноември, новоизбраниот претседател на Бразил, Жаир Болсонару, ја соопшти намерата да ја премести Амбасадата на Бразил од Тел Авив во Ерусалим.