Muhammed Yasin Güngör
31 Октомври 2024•Ажурирај: 02 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) – Републиканскиот кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, приреди визуелен одговор на неодамнешните коментари на американскиот претседател Џо Бајден, качувајќи се во камион за ѓубре означен со логото на неговата кампања, јавува Анадолу.
За време на посетата на Висконсин, клучна „свинг“ сојузна американска држава, на само неколку дена до претседателските избори, Трамп облече портокалов елек за да изгледа како санитарен работник.
Од камионот за ѓубре, одговарајќи на прашањата на новинарите, Трамп рече дека „камионот е во чест на“ Бајден и претседателската кандидатка од редот на демократите, Камала Харис, која е и актуелна потпретседателка.
Потегот на Трамп следуваше по коментарите на Бајден во кампањата, каде што Бајден го употреби зборот „ѓубре“. Трамп и неговите поддржувачи рекоа дека зборот бил употребен за да ги навреди неговите приврзаници, а Бајден рече дека ја критикувал расистичката шега од неделниот митинг на Трамп, на кој комичарот го нарече американскиот остров Порторико - претежно населен со Латиноамериканци - „пловечки остров со ѓубре“.
Трамп не се извини за шегата, а за Тони Хинчклиф, комичарот што ја забавуваше публиката на неговиот митинг, рече: „Немам поим кој е тој.“
На настанот од камионот Трамп изјави: „Двесте и педесет милиони Американци не се ѓубре.“ Поранешниот претседател го обвини Бајден дека не ги почитува Американците, велејќи: „Не може да ја водите Америка ако не ги сакате Американците.“
Во последниве недели Трамп ги означи своите политички опоненти како „непријатели на народот“ и вети дека ќе ги гони, затвора или ќе ја распореди американската армија против нив.
Изборите во САД, претседателските и изборите за Конгресот, се закажани во вторник, 5 ноември.