Mesut Zeyrek
08 Јануари 2018•Ажурирај: 08 Јануари 2018
КЕЛН (AA) - Водостојот на реката Рајна во западниот дел на Германија достигна критично ниво, по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот на југ од земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Жителите кои живеат во околните населби стравуваат од големи поплави.
Во Келн, најголемиот град во покраината Северна Рајна-Вествалија, водостојот во попладневните часови достигна дури 8,80 метри и премина високо над критичната точка.
Поради високиот водостој, патиштата во близина на реката Рајна се поплавени во одредени делови на Келн, додека поголемите бродови не можат да минат под мостовите.
Локалните власти соопштија дека водата влегла во некои домови и продавници.
Метеоролозите порачуваат дека нивото на водата во реката ќе престане да расте во вечерните часови.
Се очекува временските услови во западниот дел на Германија да се променат во текот на следните неколку дена, пропратени со помалку врнежи веќе од недела.
Келн во 1993 и 1995 година беше изложен на големи поплави по зголемувањето на водостојот на реката Рајна.
Освен реката Рајна, овој викенд нивото на водата на реките Мозел и Дунав во западниот дел на Германија, исто така го достигна критичното ниво.
Куќите во одредени подрачја околу реката Мозел во саботата беа исто така поплавени.