Dildar Baykan
20 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
ЊУЈОРК (АА) - Во Њујорк е одбележана 94-годишнината од раѓањето на Малком Икс, еден од најистакнатите борци за расна и верска еднаквост во Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата е одржана во салата во којашто на 21 февруари 1965 година е убиен Малком Икс. Станува збор за сала во Харлем која од 2005 година во знак на спомен на Малком Икс и неговата сопруга Бети Шабаз го носи името „Шабаз центар“. На програмата присуствуваа ќерките на Малком Икс и други членови на семејството.
Слични програми за сеќавање се одржани во неколку сојузни држави во Соединетите Американски Држави (САД).
Малком Литл, попознат како Малком Икс, е роден во американската сојузна држава Небраска на 19 мај 1925 година. Уапсен е во 1946 година и осуден е на десет години затвор поради насилно влегување.
Кратко по станувањето член на „Нацијата на исламот“ го менува своето презиме во X (Икс). Тој се откажува од презимето Литл кое симболизирало ропство, а го зел презимето Икс во знак на почитување кон своите непознати африкански предци, кои се доведени во Америка како робовска работна сила.
Ги прекинува односите со „Нацијата на исламот“, а по враќањето во Соединетите Американски Држави ја отфрла идејата дека сите бели луѓе се ѓаволи и ја втемели сопствената организација наречена Муслиманска џамија. По втемелувањето на оваа организација Малком Икс го промени своето име во Ел-хаџ Малик ел Шабаз.
Сè почесто добивал закани дека ќе биде убиен, а на 15 феруари 1965 година била нападната неговата куќа во која живеел со сопругата Бети и четирите ќерки.
Шест дена подоцна, на 21 февруари 1965 година, Малком Икс е убиен за време на говорот во Њујорк во кој го критикуваше Елајџа Мухамед (лидерот на движењето „Нација на исламот“). Малком го убија тројца мажи за кои се докажало дека се членови на движењето „Нација на исламот“. Сите тројца се осудени и затворени. Некои извори тврдат дека зад неговото убиство стои и Федералното истражно биро (ФБИ), кое внимателно го следеше Малком.
Малком Икс остана запаметен како лидер меѓу муслиманите во САД во тоа време, како борец за човекови права и еден од највлијателните Афроамериканци. Беше најголем критичар на „белата“ Америка и нејзините злодела направени врз црните Американци.
Ликот и делото на Малком Икс претставуваат симбол на борбата против расизмот, расната дискриминација, како и симбол за промоција на толеранцијата на исламот и соживотот.