Hakan Çopur
21 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА) - Неколку илјади демонстранти се собраа синоќа на улиците на Њујорк и протестираа поради антимигрантската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Мирниот марш во најголемиот американски град се одржа по повод Светскиот ден на бегалците.
Илјадници демонстранти се собраа во паркот „Брајант“, од каде што се упатија кон седиштето на Обединетите нации.

„Заштита на децата мигранти“, „Децата не се илегалци“ и „Одржете ги семејствата заедно“ се некои од пораките на транспарентите од демонстрантите.
Демонстрантите од различни етнички и религиозни групи најмногу го критикуваа најавеното разделување на децата од семејствата кои илегално мигрирале во САД.
Собирот заврши без инциденти.
Паралелно со тоа, Трамп во Белата куќа ја потпиша одлуката која привремено го спречува раздвојувањето на децата мигранти од нивните родители, а во исто време го повика американскиот Конгрес итно да најде решение за мигрантската криза.
Претходно, Трамп порача дека нема да дозволи САД да станат камп за бегалци, а како пример за лошата мигрантска политика ја наведе Германија и цела Европа.