Emre Gürkan Abay
01 Август 2018•Ажурирај: 01 Август 2018
МОСКВА (АА) - Москва информираше дека тројца руски новинари кои заминале во Централноафриканската Република за да снимаат документарец, се убиени од страна на непознати лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Руската информативна агенција „ТАСС“, според информациите добиени од различни извори, објави дека во Централноафриканската Република се пронајдени телата на тројца руски новинари.
Во веста се наведува дека возилото во кое се наоѓале новинарите било запрено од непознати лица, по што новинарите се убиени. Убиените руски новинари се режисерот Александар Расторгујев, новинарот Орхан Џемал и камерманот Кирил Радченко.
Според тврдењата што се појавија во руските медиуми, убиените новинари веќе извесен период престојувале во Централноафриканската Република снимајќи документарец за групата „Вагнер“ која е позната како платена руска воена група.
Портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека се во постојан контакт со Амбасадата на Русија во Централноафриканската Република и додаде: „Според првичните информации, пронајдени се телата на три лица за кои се верува дека се руски државјани. Во контакт сме со безбедносните сили на Централноафриканската Република“.
Во соопштението што го даде компанијата „Tsentra Upravlyeniya Rassledovaniyami“ која е еден од продуцентите на документарниот филм се вели: „Не сакаме да поверуваме во информациите што пристигнаа. Но повеќе не ни остана надеж дека можеби станува збор за грешка. Им изразуваме сочувство на семејствата на Александар, Орхан и Кирил“.