Abdullah Aşıran
11 Јули 2020•Ажурирај: 11 Јули 2020
ХАГ (АА) - Во Хаг, Холандија, со пригодна програма беше одбележана 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, јавува Агенција Анадолија (AA).
На програмата, која традиционално веќе 25 години ја организираат голем број здруженија и организации, присуствуваа помалку граѓани отколку во претходните години заради пандемијата на коронавирусот.
На граѓаните на плоштадот Хет Плеин, пред холандскиот Парламент, им се придружија и холандската министерка за одбрана, Анк Бијлевелд, пратеникот на партијата Денк, Тунахан Кузу, други официјални лица и војниците на холандскиот баталјон Дачбат.
Пред комеморацијата се одржа симболичен 11-километарски „Марш на мирот“, посветен на жртвите на геноцидот во Сребреница извршен во јули 1995 година.
Граѓаните носеа натписи со имињата на деветте жртви на геноцидот, кои се погребани денес на гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари.
Министерката Бијлевелд, во рамките на програмата, официјално го откри споменикот во спомен на жртвите, кој на плоштадот ќе остане три недели.
Новиот градоначалник на Хаг, Јан ван Занен, преку соопштение денес порача дека на барање на здруженијата на преживеаните сребреничани, во тој град ќе биде поставен „национален споменик“ во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Ван Занен исто така рече дека оваа идеја е поддржана од холандското Министерство за одбрана, како и од Министерството за надворешни работи.
„Сега ги истражуваме можностите за место за еден ваков споменик. Како град на мирот и правдата, за нас е важно да се сеќаваме на драмата што се случи во 1995 година“, нагласи градоначалникот на Хаг.