Yusuf Özcan
28 Јуни 2020•Ажурирај: 30 Јуни 2020
ПАРИЗ (АА) - Во различни француски градови, меѓу кои и во Париз, се одржаа протести против изградбата на илегалните еврејски населби и планот на израелската Влада за анексија на делови од окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Стотици активисти се собраа во Барбес, Париз, на повик на повеќе организации и прошетаа низ Плоштадот на нацијата. Носеа палестинско знаме и транспаренти против израелскиот план.
Демонстрантите извикуваа пароли: „Бојкот на Израел“, „Слобода за Палестина“.
За време на протестот беа преземени опсежни безбедносни мерки, на кој присуствуваа и неколку француски политичари.
Освен во Париз, протести беа одржани и во Лион, Стразбур, Сен-Етјен, Монпелје и Марсеј.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, со лидерот на израелската опозиција, Бени Ганц, формираше заедничка израелска Влада, а и двајцата најавија дека од 1 јули ќе го забрзаат планот за анексија на Јорданската Долина и другите територии на Западниот Брег каде што се изградени нелегални еврејски населби.
Анексијата доаѓа како дел од „Договорот на векот“ на американскиот претседател Доналд Трамп, според кој Ерусалим се признава како „неделив главен град на Израел“ и се признава израелскиот суверенитет над големи делови на Западниот Брег. Во планот се наведува воспоставување на држава Палестина во вид на архипелаг поврзан со мостови и тунели.
Палестинските власти тврдат дека според американскиот план, Израел ќе анектира 30 до 40 отсто од Западниот Брег, вклучувајќи го и целиот Источен Ерусалим.
Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, се сметаат за окупирана територија според меѓународното право, поради што сите еврејски населби на таа територија, како и планираната анексија, се илегални.