Mohamed Majed,Ömer Erdem
08 Јули 2024•Ажурирај: 09 Јули 2024
ГАЗА (АА) - Во текот на ноќта израелски воени авиони извршија жестоки напади врз регионите источно од градот Газа, известува Анадолу.
Според зборовите на очевидците, израелски авиони бомбардирале многу подрачја во источниот дел на градот Газа, меѓу кои Дерај, Туфа и Стариот град.
Во изјавите тие велат дека се слушале силни експлозии, а последиците од експлозиите се почувствувани и во северниот и централниот дел на Појасот Газа.
Управата за цивилна одбрана во Газа соопшти дека десетици Палестинци се убиени во вчерашните израелски напади врз источните региони на градот Газа.
Во соопштението упатено до луѓето во Газа пред нападот, израелската армија побара од жителите на населбите Туфа, Дерај и Стариот град, кои се наоѓаат во источниот дел на градот, да се евакуираат од областа и да се сместат во засолништа во западниот дел.
Прекршувајќи ја Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот, Израел се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници врз Појасот Газа, започната на 7 октомври минатата година.
Според локалните здравствени власти, оттогаш се убиени повеќе од 38.150 Палестинци, главно жени и деца.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, со чија последна одлука им се наложи на израелските власти веднаш да ја прекинат воената операција во јужниот град Рафа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.