Во рускиот напад врз Киев и Одеса загинале двајца, а повредени се 13 лица
- Украина денес соопшти дека најмалку две лица се убиени, а 13 се повредени во ноќниот напад со руски беспилотни летала врз југозападниот град Одеса и нејзиниот главен град Киев

ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека најмалку две лица се убиени, а 13 се повредени во ноќниот напад со руски беспилотни летала врз југозападниот град Одеса и нејзиниот главен град Киев, јавува Анадолу.
„За жал, бројот на жртвите од рускиот напад се зголеми на две. Тело на маж роден 1967 година беше пронајдено под урнатините. ... Девет лица се повредени, а четворица од нив се хоспитализирани во умерено сериозна состојба“, наведе гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм.
Поради нападите врз градот има пожари и штети на цивилната инфраструктура, рече Кипер, додавајќи дека нападите особено биле насочени кон породилиште, станица за итна медицинска помош и станбени згради.
Дополнително Кипер објави дека во породилиштето не се регистрирани жртви, а пациентите и персоналот успеале да се евакуираат.
На друго место градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека четири лица се повредени во украинскиот главен град како резултат на нападот, а Воената администрација на градот Киев на Телеграм соопшти дека биле погодени седум од областите на главниот град.
Воздухопловните сили на Украина на Телеграм тврдат дека нивната воздушна одбрана соборила 213 од 315 беспилотни летала од различни типови лансирани од Русија во текот на ноќта.
„Руските ракетни напади и нападите со Шахед ги задушуваат напорите на САД и на другите низ светот да ја принудат Русија на мир“, објави украинскиот претседател Владимир Зеленски на X по нападите.
Зеленски повтори дека е потребна „конкретна акција“ од САД, Европа и другите наместо само со молчење да се реагира на нападите преку ноќ. „Мора да има силен притисок поради мирот“, нагласи тој.
Руските власти не ги коментираа веднаш тврдењата на Украина, иако Москва тврдеше дека пресретнала 102 украински беспилотни летала низ целата земја во текот на ноќта, што Киев, исто така, веднаш ниту го потврди ниту го негираше.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.