Ekipa
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ЛИСАБОН (АА) - Најмалку 27 лица го загубија животот во Португалија, додека три лица го загубија животот во Шпанија во пожарите кои ги распламтеа ветровите проследени од ураганот Офелија, соопштија официјалните лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на португалската Управа за цивилна заштита, Патриција Гаспар, соопшти дека 51 лице е повредено во пожарите, а неколкумина се исчезнати во новиот пожар кој ја зафати земјата во последните четири месеци.
Сите настрадани се нашле во шумските подрачја во централните и северните делови на земјата во моментот кога избил пожарот, наведе Гаспар.
Таа додаде дека ситуацијата и понатаму е критична поради невообичаено високите температури. Меѓутоа, метеоролозите денес прогнозираа слаби врнежи од дожд што би можело да им помогне на пожарникарите да го спречат ширењето на пожарот.
Португалија најсмртоносниот пожар го искуси во јуни оваа година кога во подрачјето Педроган Гранде загинаа 64 лица, а над 250 беа повредени.
Истовремено, во северозападниот шпански регион Галиција, во близина на границата со Португалија, забележани се 130 активни пожари. Властите во тоа подрачје наведуваат дека три лица загинале, а илјадници се евакуирани.
Најмалку 17 пожари избија во близина на населените подрачја, од кои најмногу во покраината Виго. Голем број на училишта денес се затворени, а со огнот се борат околу 350 пожарникари на кои во помош им дојдоа авиони за гаснење пожари.
Подолгиот сушен период и невообичаено високите октомвриски температури од над 30 степени Целзиусови го засилија пожарот, но полицијата истражува и за можниот човечки фактор во избувнувањето на пожарите.