Saadet Firdevs Aparı
25 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
АНКАРА (AA) – СААДЕТ ФИРДЕВС АПАРИ - Секоја година во Соединетите Американски Држави (САД) се извршуваат десетици оружени напади во училишта, во кои животот го губат стотици лица.
Дејвид Ридман, главен истражувач на базата на податоци „Училишни напади К-12“ на Националниот центар за одбрана и безбедност на Факултетот за постдипломски студии, рече дека 27 луѓе загинале како резултат на оружени напади во училиштата од почетокот на годината досега.
Според извештајот што го објави американското Федерално биро за истраги (ФБИ), во оружени напади на училишта во 2021 година животот го загубиле 103 лица, а 140 биле повредени, без да се сметаат елиминираните напаѓачи.
Во извештајот се наведува дека во 2021 година се извршени 243 напади, што е зголемување од 48 отсто во однос на 2020 година, во која биле извршени 164 напади на училишта.
Од друга страна, бројката на загинати во нападите на училишта е највисока бројка во последните пет години.
Според истиот извештај, забележан е раст на смртните случаи од 171 отсто во нападите извршени во 2021 година во однос на нападите од 2020 година.
– Најголемите напади на училишта во САД –
Во последниот напад на училиште кој беше извршен вчера во американската сојузна држава Тексас, животот го загубија вкупно 21 лице, од кои 18 деца, двајца возрасни и напаѓачот.
Според извештајот што го објави ФБИ, последниот напад на училиште е најсмртоносниот напад во историјата на Тексас и втор по големина во САД по нападот на Основното училиште „Сенди Хук“ во сојузната држава Конектикат во 2012 година, во кој животот го загубија 28 лица.
МАЈ 2018: Во подрачјето на Хјустон извршен е напад во гимназија во која 17-годишно момче застрела 10 лица. Напаѓачот е обвинет за убиство.
ФЕВРУАРИ 2018: Во напад на училиште во градот Паркленд во сојузната држава Флорида животот го загубија 14 ученици и тројца членови на училишниот персонал, а ранети беа поголем број лица. Осомничениот обвинет за убиство беше на возраст од 20 години.
ОКТОМВРИ 2015: Во Орегон извршен е напад на училиште во кој животот го загубија 9 лица, а 9 беа повредени. По нападот напаѓачот се самоуби.
ДЕКЕМВРИ 2012: 19-годишно лице во градот Њутаун во сојузната држава Конектикат прво ја уби сопствената мајка, а потоа изврши оружен напад во Основното училиште „Сенди Хук“ во близина. Откако го изврши убиството на 20 ученици и 6 наставници, напаѓачот се самоуби.
АПРИЛ 2007: 23-годишниот студент кој во кампусот во Блексбург во сојузната држава Вирџинија уби 32 лица, по нападот си го одзеде животот. Во нападот се ранети поголем број лица.
МАРТ 2005: 16-годишен ученик во неговата куќа во Минесота ги уби својот дедо и неговиот пријател, по што замина во Гимназијата „Ред Лејк“ и таму, пред да се самоубие, уби 5 ученици, еден наставник и еден припадник на обезбедувањето.
АПРИЛ 1999: Во училиштето во Литлтон во сојузната држава Колорадо двајца ученици убија 12 свои соученици, еден наставник и ранија неколкумина, по што се самоубија.