Adam Abu-bashal
15 Октомври 2021•Ажурирај: 16 Октомври 2021
АБУЏА
Повеќе од 13.000 припадници на терористичката организација Боко харам се предадоа во Нигерија во период од две недели, известува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-портпаролот на Министерството за одбрана, Бернар Ониеуко во изјава за медиумите информира дека операциите против припадниците на Боко харам биле спроведени во периодот од 1 до 14 октомври.
Ониеуко соопшти дека во операциите се предале 13.243 припадници на Боко харам и членови на нивните семејства.
Истакнувајќи дека 29 припадници на Боко харам биле неутрализирани во наведениот период, Ониеуко соопшти дека се заробени и 13 терористи.
Ониеуко информира дека голем број терористи избегале ранети, а во текот на операциите била запленета муниција која им припаѓала на терористите.
И покрај операциите што се спроведуваат во последните години, терористичката организација Боко харам сѐ уште претставува сериозен безбедносен проблем во Нигерија, најнаселената земја во Африка.
Терористичката организација Боко харам, која во Нигерија дејствува од раните 2000-ти, во 2009 година започна да спроведува масовни акти на насилство во кои животот го загубија повеќе од 20.000 луѓе.
Организацијата Боко харам во 2015 година започна да извршува напади и врз пограничните соседи Камерун, Чад и Нигер. Најмалку 2.000 луѓе ги загубија животите во нападите на организацијата во басенот на езерото Чад.
Стотици илјади луѓе се принудени да мигрираат во земјата поради терористички напади и конфликти.