Hamdi Yıldız
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
КАРТУМ (АА) – Во главниот град на Судан, Картум, и во градот Умдурман во текот на ноќта се одржаа демонстрации за предавање на власта на цивилите, пренесува Anadolu Agency (AA).
На демонстрациите против Транзицискиот воен совет во главниот град Картум и во градот Умдурма, западно од Картум, демонстрантите, покрај судански знамиња, носеа и транспаренти со барања власта да се предаде на цивилите.
На протестите во Порт Судан, во источниот дел на земјата, демонстрантите побараа од Советот да дозволи да пристапат до интернет.
Заменик-претседателот на Транзицискиот воен совет на Судан, генералот Мухамед Хамдан Даклу Химидти, во вчерашната изјава рече дека се решени за многу кратко време да се формира технократската влада.
Од друга страна, суданските професионални асоцијации повикаа на демонстрации во сите провинции и села низ целата земја, барајќи предавање на администрацијата на цивилите. Во соопштението од асоцијациите се истакнува дека мирните демонстрации се задолжителни и дека ќе продолжат барањата администрацијата да се предаде на цивилите.
- Настаните во Судан -
Демонстрациите кои започнаа во Судан на 19 декември 2018 година поради економската криза, брзо се проширија и во главниот град Картум, претворајќи се во демонстрации против режимот. Армијата на 11 април објави дека ја презема власта и на тој начин беше ставен крај на 30-годишниот режим на Омар ал Башир.
По државниот удар, Транзицискиот воен совет и опозицијата се договорија по три години транзиционен период да се оди на избори на кои ќе биде избрана новата цивилна влада.
Декларацијата за слобода и сили за промена (ÖDBG), која е лидер на опозициската структура и на протестите во Судан, ја обвини Војската и нејзините брзи сили за интервенција, предводени од Химидти, дека користат сила за да ги растераат демонстрантите пред седиштето на Армијата.
Претставниците на Транзицискиот воен совет пак, тврдат дека директна цел не биле демонстрантите, туку криминалните групи во областа „Колумбија“, која е во близина на плоштадот, и дека тогаш настанале некои тажни инциденти во кои животот го загубиле некои од демонстрантите, а имало и повредени.
Според Лекарскиот комитет на Судан, во настаните животот досега го загубиле 128 лица.