Rania R.a. Abushamala
30 Октомври 2024•Ажурирај: 31 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Најмалку 27 лица загинаа, а 36 се повредени денес во новиот бран израелски воздушни напади врз Јужен Либан, пренесува Анадолу.
Меѓу жртвите се и 15 лица што се убиени во напад врз станбена зграда во пограничниот град Сарафанд, објави државната новинска агенција ННА.
Меѓу убиените во нападот има и шестмесечно бебе, соопшти ННА.
Десет лица се убиени, а 36 се повредени во серија израелски воздушни напади врз Харет Саида во Сидон, Јужен Либан, истакна агенцијата.
Во друг напад во јужниот град Гандурие загинаа две лица, јави ННА.
Пријавени се и неколку воздушни напади врз Сафад ал Батик, Чакра, Чаитије, Мајдел Зун, Таир Харфа, Џебајн и Ханин, но сè уште нема информации за жртви.
Нападите беа извршени откако израелската армија издаде наредба за евакуација на жителите во Баалбек и блиските градови Дорис и Аин Бурдај во Источен Либан.
Илјадници жители го напуштија градот по израелската наредба за евакуација, објави ННА.
Минатиот месец Израел започна голема воздушна кампања во Либан против, како што тврди, позиции на Хезболах што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и групата од почетокот на израелската брутална офанзива врз Газа.
Според либанските здравствени власти, убиени се над 2.700 луѓе, а речиси 12.500 се повредени во израелските напади врз Либан од октомври минатата година.
Израел го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во Јужен Либан.