Ekipa
10 Јуни 2022•Ажурирај: 12 Јуни 2022
БЕРЛИН (АА) - Повеќе од 800 џамии во Германија се цел на закани и напади од 2014 година, но во повеќето случаи тие не биле соодветно истражени, според „Брандеилиг“, иницијатива на Организацијата за права ФАИР Интернешнл (FAIR International), јавува Агенција Анадолија (АА).
Групата, која го основаше првиот германски центар за известување за напади врз џамии, забележа речиси 840 инциденти на напади, вандализам и закани во периодот меѓу 2014 и 2022 година.
Деталната анализа на злосторствата во 2018 година откри дека сторителите останале неидентификувани во повеќето напади, поттикнувајќи понатамошни напади врз муслиманските места за богослужба од неонацисти или левичарски екстремисти.
„Генерално, стапката на разрешени случаи за нападите во џамиите може да се смета за многу ниска“, рече групата во неодамнешниот извештај.
Меѓу 120-те напади регистрирани врз џамии во 2018 година, само во девет случаи може да се идентификуваат сторителите.
„Оваа стапка е причина за загриженост“, нагласија експертите на „Брандеилиг“, посочувајќи дека во најмалку 20 случаи, меѓу кои имало и подметнати пожари, осомничените имале намера да предизвикаат смрт или големи телесни повреди.
Експертите велат дека генерално, полициските службеници многу брзо пристигнуваат на самото место и веднаш започнуваат со увид, но дека до денес ниту еден од инцидентите не можел да биде комплетно разрешен.
Германија, земја со над 83 милиони жители, има втора по големина муслиманска популација во Западна Европа по Франција. Од речиси 5,3 милиони муслимани во земјата, 3 милиони се со турско потекло.