Ekipa
31 Декември 2016•Ажурирај: 01 Јануари 2017
БРИСЕЛ (AA) – Меѓународната федерација на новинари (МФН) соопшти дека 93 новинари и медиумски работници се убиени во светот во текот на 2016 година во целни напади, бомбашки напади или во размена на огнот на завојувани страни, додека 29 се загинати во две авионски несреќи, јавува Anadolu Agency (AA).
МФН, во својот годишен извештај објавен во петок, наведува дека бројката на убиените новинари во 2016 во однос на 2015 е помала, тогаш страдале 112 новинари. Најголемиот број убиени новинари во медиумите и понатаму има Ирак каде животот го загубиле 15 новинари, по што следи Авганистан со 13 и Мексико со 11.
И покрај благиот пад на смртоносно насилство кон новинарите, Филип Лерут, претседател на МФН рече дека статистиката „дава малку простор за утеха, но не и основа за надеж дека ќе дојде крај на моменталната криза кога е во прашање безбедноста на медиумите".
Во две авионски несреќи, загинаа 20 бразилски новинари во Колумбија и 9 руски додека авионот леташе од Русија за Сирија.