Hakan Çopur
02 Декември 2020•Ажурирај: 02 Декември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Челникот на Министерството за правда на САД, Вилијам Бар, изјави дека не е пронајдена неправилност која би ги променила резултатите на претседателските избори одржани на 3 ноември, а на кои победи Џо Бајден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бар се осврна на резултатите на претседателските избори во САД, околу кои сѐ уште се водат дискусии во земјата.
„Досега не воочивме ниту една неправилност на изборите која би можела да доведе до поразлични резултати“, изјави Бар за „Асошиејтед прес“ (АП).
Тој наведе дека надлежните сојузни агенции и Федералното истражно биро (ФБИ) ги испитале сите наводи кои ги примиле, но дека досега не пронашле докази за значајни измами. Бар исто така изјави дека се истражени и наводите за измами поврзани со уредите за броење гласови, но дека нема докази кои ги поддржуваат таквите наводи.
Американските медиуми наведуваат дека изјавата на Бар ги поништила тврдењата на претседателот Доналд Трамп за неправилностите на изборите, а министерот за правда наводно по интервјуто за АП отишол во Белата куќа.
Иако се очекуваше дека ќе има состанок со Трамп, од Белата куќа не е соопштено дека е одржан таков состанок.
Трамп во неделата изјави дека Министерството за правда на САД и ФБИ треба детално да ги испитаат наводите за изборната измама.