İnci Gündağ
17 Јануари 2018•Ажурирај: 17 Јануари 2018
ЛОНДОН (АА) - Во Велика Британија е формирано Министерство за осамени, а на чело на министерството е именувана Трејси Кроуч, пратеничка на Конзервативната партија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Владата на Велика Британија е нагласено дека ова Министерство, во соработка со невладиниот сектор, ќе се бори со проблемот на осаменоста и социјална изолација. Исто така е наведено дека Националната канцеларија за статистика (ONS), ќе формира систем за мерење на степенот на осаменост.
Нагласено е дека темелите за ова Министерство се поставени со работата на пратеничката на Работничката партија, Џо Кокс, која е убиена во 2016 година.
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во врска со новото Министерство во нејзината земја, порача:
„Осаменоста, за жал, е една тажна реалност за многу лица во модерниот свет. Сакаме да се бориме со овој проблем, за да можат осамените да го надминат, односно за да имаат со кого да го споделат она што го мислат. Џо Кокс е лице кое успеа да открие на кое ниво е осаменоста во нашата земја и својот живот го посвети на тоа да им помогне на тие луѓе“, порача Меј.
Министерката за осамени, Кроуч, истакна дека Министерството ќе се посвети на осамените од секоја возраст, и додаде:
„Веруваме дека волонтерите, претприемачите, но, исто така, и пратениците можат да дадат значаен придонес во борбата против осаменоста. Jo со голема љубов се посвети на овој проблем. Ќе им помогнеме на милиони лица во Велика Британија, што страдаат од осаменост и на тој начин ќе ѝ се одолжиме и на Џо“, порача Кроуч.
Британската здравствена организација (NHS) минатиот месец објави дека осаменоста во зимскиот период може да биде смртоносна.
Во извештајот, кој, исто така, е објавен минатиот месец, се наведува дека осаменоста предизвикува штета на човечкиот организам еднаква на пушењето 15 цигари.
Се претпоставува дека осаменоста во Велика Британија ја чувствуваат околу девет милиони жители.