Aslı Aral
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
ЛОНДОН (АА) – Премиерката на Британија, Тереза Меј изјави дека работат со меѓународните партнери за ставање крај на, како што рече таа, ужасните напади врз Алепо од страна на Русија, како и да се зголеми притисокот врз Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
На неделната сесија ’прашања до премиерот’, во Долниот дом на британскиот Парламент, премиерката Меј во врска со зачестените воздушни напади врз Алепо рече: „Мораме да направиме сѐ што е во наши раце, заедно со меѓународните партнери, за да се стави крај на нападите врз Алепо“.
„Со нашите меѓународни партнери работиме на зголемување на притисокот врз Русија, како и на тоа да се стави крај на ужасните напади врз Алепо. Сакаме да ја видиме Сирија без Асад, како и сакаме договор за политичка транзиција“, додаде Меј.
Таа исто така изјави дека министерот за надворешни работи, Борис Џонсон остварил телефонски разговор со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, и ја изразил загриженоста за воздушните напади врз Алепо.
Џонсон на својот профил на Твитер напиша: „Русија треба да го искористи своето влијание за да се стави крај на нападите врз Алепо. Од министерот за надворешни работи на Русија, Лавров, побарав да се заинтересира за човечката драма во Сирија и упатив апел да се дозволи доставувањето на хуманитарна помош во Алепо“.
Во писмената изјава од пред неколку дена, од Градскиот директорат за здравство на Алепо при привремената влада, формирана од опозицијата, се наведува дека во последните 48 часа, здравствените услуги се прекинати во сите болници поради руските бомбардирања и систематските напади од режимот на Асад врз источните населби на градот.
Околу 300 илјади цивили во источните населби на Алепо, од 4. септември наваму се под опсада на режимските сили. Во последната недела од нападите на режимот на Асад, помогнати од воздушните сили на Русија, во источниот дел на Алепо загинаа над 300 цивили, а повеќе од илјада се повредени.