ЊУЈОРК (АА)
Велика Британија се надева дека Туркије може да ја врати Русија на маса за обновување на Црноморскиот договор за жито, изјави министерот за надворешни работи на земјата, Џејмс Клеверли, изразувајќи загриженост откако Москва се повлече од Иницијативата со која се отвори коридорот за извоз на украинско жито, јавува Анадолу.
„Навистина се надевам дека претседателот (Реџеп Таип Ердоган заб.а.) ќе може да ја истакне важноста на Иницијативата за пренос на жито преку Црно Море, помагајќи им на луѓето да се извлечат од глад, помагајќи да се намалат меѓународните цени на жито“, изјави Клеверли во ексклузивно интервју за Анадолу.
Како што тој изјави, турскиот претседател Ердоган извршил „неверојатно важна работа во името на многу луѓе низ светот, играјќи важна улога со Обединетите нации“.
Договорот беше потпишан во јули минатата година во Истанбул од страна на Русија, Украина, Туркије и ОН, со што се создаде безбеден коридор за извоз на храна од три украински пристаништа, кој беше запрен од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Иницијативата помогна да се спречи растот на цените и да се намали глобалната криза со храна, обновувајќи го протокот на пченица, сончогледово масло, вештачко ѓубриво и други производи од Украина, земја која е една од најголемите извозници на жита во светот.
Оваа недела Москва одби да го продолжи Договорот по 17 јули, велејќи дека деловите што се однесуваат на нејзините барања досега не се имплементирани. Русија бараше отстранување на препреките за извоз на ѓубрива од Русија за да се согласи на уште едно продолжување на Договорот за жито, вклучително и вклучувањето на државната Руска земјоделска банка во меѓународниот платен систем СВИФТ.
Меѓутоа, Клеверли ја обвини Русија дека го користи светскиот глад за политичка потпора.
„Топката е на теренот на Русија и ја повикуваме да се вклучи во оваа Иницијатива“, рече британскиот министер.
Во врска со британската поддршка за Украина, тој рече дека Владата ќе продолжи да го поддржува Киев додека не се повлечат последните руски војници.
Додека британските медиуми наведуваат дека Велика Британија бара посебен договор со Туркије за управување со протокот на мигранти и баратели на азил, Клеверли не потврди дали е во план таков договор.
„Го имав овој разговор со турскиот министер за надворешни работи, а премиерот разговараше со претседателот Ердоган. Ќе продолжиме да имаме разговори за да го решиме она што во суштина е заеднички предизвик“, изјави Клеверли и додаде:
„Свесни сме дека Туркије има огромен број мигранти и дека била многу дарежлива во прифаќањето бегалци, меѓународни мигранти. Значи, ова е заеднички проблем со кој се соочуваат многу земји и поради меѓународната природа на ова прашање, ниту една земја нема да може сама да го реши.“
Што се однесува до преговорите за нов договор за слободна трговија меѓу Велика Британија и Туркије, Клеверли рече дека британската Влада „би сакала да ги добие овие договори колку што е можно поскоро“.
По телефонските разговори меѓу британскиот секретар за бизнис и трговија Кеми Баденох и турскиот министер за трговија Омер Болат минатата недела, британската Влада во вторникот потврди дека двете страни ќе разговараат за нов и модернизиран договор за слободна трговија (ФТА).
Се наведува дека постојниот Договор за слободна трговија, потпишан по напуштањето на Велика Британија на ЕУ, не ги опфаќа клучните области, како што се обезбедувањето услуги, дигитализацијата и размената на податоци, додавајќи дека новиот договор ќе ја поттикне билатералната трговија и ќе им помогне на британските фирми да ги максимизираат можностите.
Турското Министерство за трговија соопшти дека напорите за таа цел „започнале минатата година, при што двете земји заклучиле дека би било корисно да се прошират и продлабочат трговските односи“.
Во соопштението на Министерството се наведува дека отвореното трговско опкружување засновано врз глобалните трговски правила што „го поттикнуваат заедничкиот раст и просперитет“ сега е „поважно од кога било“.
Клеверли нагласи дека Велика Британија ја гледа Туркије како „силен и важен пријател“.
„Тоа е важна економија и, се разбира, сакаме да имаме поголема трговија со нашите пријатели“, изјави британскиот министер за надворешни работи.
Што се однесува до континуираниот притисок од арапските нации за нормализирање на односите со Сирија, Клеверли рече дека Велика Британија има свој став „но ја почитува одлуката на арапските земји“.
„Доколку (Башар) ал Асад е сериозен, тогаш тоа треба да го покаже преку своите постапки. Тој треба да создаде безбедност во Сирија за да можат сириските бегалци да се вратат дома. Тој треба да ја гарантира нивната безбедност. Тој треба да работи со меѓународната заедница за олеснување на прекуграничната испорака на помош. Така, ќе му судиме врз основа на неговите постапки“, изјави британскиот министер за надворешни работи.
news_share_descriptionsubscription_contact
