свет

Велика Британија одобри стипендии за околу 40 студенти од Газа да студираат во кралството

- Ова е првпат студенти од Газа да добијат дозвола да заминат на студии во Велика Британија од почетокот на израелската воена офанзива во енклавата, но секое нивно заминување ќе зависи од одобрувањето на израелските власти

Aysu Biçer  | 26.08.2025 - Обновена : 26.08.2025
Велика Британија одобри стипендии за околу 40 студенти од Газа да студираат во кралството

ЛОНДОН (АА) – Владата на Обединетото Кралство денес одобри околу 40 палестински студенти од Појасот Газа да заминат за Велика Британија во наредните недели за да ги искористат целосно финансираните универзитетски стипендии, јавува Анадолу.

Според „Би-би-си“, деветмина студенти ќе добијат помош да ја напуштат Газа преку програмата „Чевенинг“, државно финансирана иницијатива која нуди едногодишни магистерски студии за странски студенти.

Дополнително, британската министерка за внатрешни работи Ивет Купер ги одобри плановите за поддршка на околу 30 други студенти преку приватни стипендиски програми.

Ова е првпат студенти од Газа да добијат дозвола да заминат на студии во Велика Британија од почетокот на израелската воена офанзива во енклавата. Сепак, секое нивно заминување ќе зависи од одобрувањето од израелските власти.

Одлуката следува по повеќемесечната кампања на британските политичари, академската фела и активисти за обезбедување пристап до образование за повеќе од 80 палестински студенти кои оваа година добиле понуди од универзитетите во Велика Британија.

Студентите ќе се соочат со големи логистички предизвици при напуштањето на воената зона, бидејќи ќе треба да патуваат во трета земја од регионот за да ги завршат биометриските проверки за визи пред пристигнувањето во Велика Британија.

Одлуката доаѓа во период на затегнати односи меѓу Велика Британија и Израел, откако Велика Британија во септември најави дека ќе ја признае палестинската држава доколку Израел не исполни одредени услови поврзани со војната во Газа.

Израел уби речиси 63.000 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.

Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.