Tayfun Salcı
05 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, од Европската Унија побара одложување на Брегзит за 30 јуни, јавува Anadolu Agency (AA).
Меј испрати писмо до претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, во кое го информира дека ќе се обиде во договор со главната опозициска партија да го спроведе владиниот договор за Брегзит, кој на трипати претходно беше одбиен од страна на Парламентот.
Информирајќи дека тој период ќе потрае и Британија ќе биде приморана да учествува на изборите во Европскиот парламент закажани за 23 мај, Меј истакнува дека Владата изработила подготовки и во таа насока.
Посочувајќи дека на Британија ѝ е потребен овој дополнителен период за да заврши со процесот, Меј во писмото вели:
„Британија предлага овој процес да заврши на 30 јуни. Доколку страните го одобрат процесот порано од предвиденото, Владата предлага процесот на Брегзит да заврши порано.“
Меј во писмото до Туск подвлекува дека планира процесот да заврши пред изборите во Европскиот парламент.
- Процесот Брегзит
Велика Британија не може да добие одобрување од Долниот дом за договорот за Брегзит постигнат со ЕУ. Според планираното, Брегзит требаше да се спроведе на 29 март, но Британија се договори со ЕУ датумот на Брегзит да биде одложен за 12 април. Новото барање на Британија ќе биде рагледано на лидерскиот Самит на ЕУ закажан за 10 април.
Продолжуваат преговорите на британската премиерка Меј со Џереми Корбин, лидерот на главната опозициска партија, со цел добивање поддршка за договорот за Брегзит. Од друга страна, на предлог на група пратеници, во Долниот дом со еден глас повеќе беше изгласан превентивен закон кој оневозможува излез од ЕУ без договор.
Доколку законот добие поддршка и во Домот на лордовите, тогаш независно како ќе завршат преговорите меѓу Меј и Корбин, Британија нема да може да се оддели од ЕУ без договор.
Велика Британија на 23 јуни 2016 година спроведе референдум, на кој гласаше за одделување од ЕУ.