Ahmet Gürhan Kartal
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Лидерот на главната опозициска партија на Велика Британија, Џереми Корбин, најави дека неговата партија ќе поддржи одржување генерални избори во декември, што ги предлага Владата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Лабуристичката партија, Корбин истакнува дека неговата партија е „подготвена за избори, а поддршката се темели на исклучување на опцијата Брегзит без договор.“
„Слушнавме од ЕУ дека продолжувањето на членот 50 до 31 јануари е потврдено, така што во наредните три месеци нашиот услов за тргање од масата на Брегзит без договор е исполнет“, додава тој.
Најавата на Корбин дојде неколку часа пред гласањето на Парламентот за Предлог-законот на Владата за предвремени општи избори на 12 декември.
За да се изгласа Предлог-законот потребно е просто мнозинство во Долниот дом, односно 320 гласа.
„Сега ќе започнеме со најамбициозната и радикална кампања за вистински промени што нашата земја ја има видено досега“, рече Корбин.
Две други опозициски партии, Либералните демократи и Шкотската национална партија (SNP), соопштија дека би ја поддржале идејата за предвремени избори, доколку тие се одржат на 9 декември, пред училишниот одмор во Велика Британија по повод Божиќ, за да можат учениците да гласаат.
За Нацрт-законот ќе се гласа денеска.
Велика Британија требаше да ја напушти ЕУ на 31 октомври, но новото продолжение дадено од Блокот, го продолжи рокот до 31 јануари, 2020 година.
Џонсон, кој инсистираше на тоа Велика Британија да ја напушти ЕУ на 31 октомври, мораше да побара продолжување, откако не успеа да освои доволно гласови за неговиот договор минатата недела.
Велика Британија одлучи да ја напушти Унијата на референдумот одржан во 2016 година.