Ahmet Gürhan Kartal
17 Октомври 2019•Ажурирај: 18 Октомври 2019
ЛОНДОН (АА) - Британија и ЕУ денеска постигнаа нов договор за Брегзит, во пресрет на Самитот на лидерите на ЕУ кој започнува денеска во Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Каде што постои волја, таму има и договор - ние го имаме“, објави на Твитер Жан Клод Јункер, претседателот на Европската комисија и напиша:
„Ова е фер и балансиран договор за ЕУ и Велика Британија, и е доказ за нашата посветеност кон пронаоѓање решенија. Предлагам Европската комисија да го одобри овој договор.“
Британскиот премиер Борис Џонсон на социјалната мрежа Твитер исто така потврди дека е постигнат нов договор.
„Постигнавме нов договор кој ја враќа контролата - сега Парламентот в сабота треба да го прифати Брегзит, за да можеме да преминеме на други приоритети како трошоците за живот, здравствените услуги, насилниот криминал и животната средина“, напиша тој.
Џонсон в сабота ќе го врати Договорот на британскиот Парламент за гласање.
Велика Британија треба да го напушти Европскиот блок на 31 октомври доколку Договорот биде ратификуван од британскиот Парламент и од парламентите на сите 27 земји членки на ЕУ.