Zuhal Demirci
11 Март 2022•Ажурирај: 12 Март 2022
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија одлучи да воведе санкции за 386 пратеници во Државната дума, Долниот дом на Парламентот во Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на британското Министерство за надворешни работи се нагласува дека 386 члена на Думата се санкционирани поради нивната поддршка на сепаратистичките региони на Украина, Доњецк и Луганск.
Исто така, се наведува дека со одлуката за санкции донесена од британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас, на руските пратеници им е воведена забрана за патување во Велика Британија и им е блокиран пристапот до нивните имоти во оваа земја.
Министерката Трас во изјавата за одлуката за санкции додаде: „Наша цел се соучесниците на [рускиот претседател Владимир] Путин во неговата нелегална окупација на Украина и оние кои ја поддржуваат оваа варварска војна. Нема да го запреме притисокот и ќе продолжиме со санкциите врз руската економија. Ние стоиме на страната на нашите сојузници и нашите украински пријатели. Украина ќе ја поддржиме со хуманитарна помош, одбранбено оружје, а исто така, ќе продолжиме со дипломатските напори да ја изолираме Русија на меѓународно ниво.“