Alaattin Doğru
07 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
ДАКАР
Во источниот дел на Буркина Фасо извршен е напад врз конвој на возила на една рударска компанија. Во нападот животот го загубија 37 цивили и војници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјалната новинска агенција на Буркина Фасо (AIB) објави дека во Источниот Регион, на подрачјето меѓу градовите Гурма и Тапоа бил нападнат конвој кој ги превезувал работниците на компанијата SEMAFO, со седиште во Канада, која управува со рудник за злато.
Откако возилото што го предводело конвојот било уништено по нагазувањето на мина поставена на патот, напаѓачите отвориле оган врз преостанатите возила.
Во нападот животот го загубија 37 цивили и војници, а најмалку 20 лица се ранети.
Потешко повредените се префрлени во болниците во главниот град Уагадугу, додека полесно повредените се испратени во локалната болница „Н'Гурма“.
Сè уште нема информации за одредени лица што биле дел од конвојот.
Гувернерот на Источниот Регион, генерал Сиду Тусант Проспер Сану, изјави дека безбедносните сили го опколиле подрачјето и е започната потрага по исчезнатите.
Генералот Сану го осуди нападот, опишувајќи го како „варварски и кукавички“.
- Продолжува вонредната состојба во 7 региони
Во нападите организирани од страна на терористичките организации во Буркина Фасо, во последните 4 години загинаа повеќе од 600 лица.
Поради зголемените терористички напади, во северниот, западниот, централниот и во регионот Сахел во Буркина Фасо од 1 јануари 2019 година е прогласена вонредна состојба.
Одлуката за вонредна состојба во Буркина Фасо се спроведува во 7 од 13 региони.