свет

Бурата во Газа одзеде уште два живота, бројот на жртвите поради временските услови се зголеми на четири за 24 часа

- Во силна бура во Газа во текот на ноќта загинаа двајца палестински браќа, со што бројот на смртни случаи како последица на временските услови во Појасот Газа се зголеми на четири во последните 24 часа

Mohammad Sıo  | 12.12.2025 - Обновена : 12.12.2025
Бурата во Газа одзеде уште два живота, бројот на жртвите поради временските услови се зголеми на четири за 24 часа

ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Во силна бура во Газа во текот на ноќта загинаа двајца палестински браќа, со што бројот на смртни случаи како последица на временските услови во Појасот Газа се зголеми на четири во последните 24 часа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.

Бурата, предизвикана од систем со низок притисок, веќе трет ден ја погодува Газа, носејќи обилни врнежи од дожд, силни ветрови и поплави што оставија стотици илјади раселени Палестинци да се борат во несоодветните шатори низ енклавата.

Браќата Кадер и Калил Ијаб Хануна ги загубија животите кога врз нивниот шатор се урна ѕид поради интензивните дождови во централниот дел на Газа, изјавија изворите за Анадолу.

Во овој 24-часовен период има и два смртни случаја како последица на бурата.

Еден Палестинец загина откако се урна неговиот дом во бегалскиот камп Шати, западно од градот Газа, а едно мало девојче почина откако шаторот на нејзиното семејство се поплави во Кан Јунис во јужна Газа.

Неколкумина Палестинци беа повредени и кога дел од куќа, која претходно била оштетена од израелските напади, се урна во областа Беит Лахија во северна Газа. Се верува дека некои жители сè уште се заробени под урнатините.

Цивилната одбрана на Газа соопшти дека и неколкумина Палестинци, меѓу кои и деца, биле повредени кога шаторот во кој биле сместени раселени семејства се урнал во областа Ал-Мина западно од градот Газа поради силни ветрови и обилни дождови.

Поплавени се илјадници шатори низ повеќе области на енклавата, а во поплавите оштетени се засолништа и уништени се работите на раселените семејства, а условите дополнително се влошуваат поради намалувањето на температурите.

Цивилната одбрана соопшти дека евакуирала неколку раселени семејства откако се урнале две делумно оштетени куќи во Кан Јунис, предупредувајќи да не се бара засолниште во зградите за кои постои ризик од натамошно уривање.

Вчера се урнаа и три згради западно од градот Газа, а во енклавата и натаму има обилни дождови и поплави.

Според Цивилната одбрана, околу 250.000 семејства моментно живеат во кампови за раселени лица низ Појасот Газа, а многумина се соочуваат со студено време и поплави во шаторите.

И покрај прекинот на огнот што стапи на сила на 10 октомври, условите за живот во Газа не се подобрени бидејќи Израел продолжува да воведува строги ограничувања за влез на камионите со помош, кршејќи го протокол од договорот за хуманитарна помош.

Израел уби повеќе од 70.000 Палестинци, а повредени се над 171.000 во Газа од октомври 2023 година. Нападот е запрен според договорот за прекин на огнот што стапи на сила пред два месеца.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.