До 2038 година речиси 30% од населението во Германија ќе бидат пензионери
- Според најновиот извештај, во следните 10 години секој четврти жител на Германија ќе има 67 или повеќе години.
БЕРЛИН / ИСТАНБУЛ (AA) – Бројот на пензионери во Германија ќе се зголеми најмалку за 3,8 милиони и ќе достигне 20,5 милиони до 2038 година, што ќе претставува околу 27% од вкупното население, соопшти германскиот завод за статистика Дестатис, јавува Анадолу.
Според најновиот извештај, во следните 10 години секој четврти жител на Германија ќе има 67 или повеќе години.
Во моментов, пензионерите сочинуваат околу 20% од населението. Падот на бројот на работоспособно население се очекува да создаде сериозни предизвици за системите за социјално осигурување.
Дестатис прогнозира дека германското население ќе биде помало од денешното ниво до 2070 година, достигнувајќи 74,7 милиони, земајќи ги предвид умерени стапки на наталитет, животен век и нето- миграција.
Само две од вкупно 27 предвидени сценарија очекуваат благ пораст на населението и тоа во случај на висока нето-миграција и значително повисок наталитет. Проекциите за 2070 година се движат од 63,9 до 86,5 милиони жители.
Во 2022 година Дестатис прогнозираше дека населението во 2070 година ќе изнесува меѓу 70,2 и 94,4 милиони.
Работоспособното население (возраст од 20 до 66 години) ќе почне да опаѓа од средината на 30-тите години, со пензионирањето на генерациите родени по Втората светска војна и пристигнувањето на помалку помлади генерации, јаз што миграцијата нема целосно да го надомести.
„Во Германија веќе има 33 лица на пензиска возраст на секои 100 лица од работоспособна возраст. Во 2070 година, во најдобар случај, ова ќе се зголеми на 43 лица“, рече Карстен Лумер, раководител на одделот за население во Дестатис.
„Во најлош случај – со постојано ниска стапка на наталитет и ниска нето-миграција – зависноста од старото население може да достигне 61, што е речиси двојно повеќе од денешното ниво“, додаде тој.
Минатата година германското население се зголеми за 0,1% и достигна 83,6 милиони жители, главно поради имиграцијата.
Минатата година нето-миграцијата изнесуваше 420.000 лица, што е пад од 660.000 во 2023 година.
Повеќе луѓе починале отколку што се родиле, при што бројот на смртни случаи бил поголем за 330.000.
Околу 25,5 милиони луѓе биле на возраст од 60 години и нагоре, што претставува 30,5% од вкупното население.
