Aysu Biçer
24 Ноември 2024•Ажурирај: 25 Ноември 2024
ЛОНДОН (АА) – Обилните врнежи од дожд, топењето на снегот и силните ветрови од бурата Берт предизвикаа хаос низ Велика Британија, што предизвика смрт на три лица, големи поплави и прекини во сообраќајот, јавува Анадолу.
Заклучно со денес, над 200 предупредувања за поплави се во сила низ Англија, Велс и Шкотска, додека Британската метеоролошка агенција (Met Office) издаде жолто предупредување за врнежи од дожд и ветер за големи делови од земјата, јавија британските медиуми.
Бурата Берт веќе ги одзеде животите на тројца мажи во сообраќајни несреќи поради временските услови.
Во Хемпшир во Југоисточна Англија, маж на околу 60-тина години трагично загина вчераутро кога дрво падна врз неговиот автомобил на автопатот А34 во близина на Винчестер.
Полицијата истражува дали невремето директно ја предизвикало несреќата.
Во западен Јоркшир, 34-годишен маж го загуби животот во раните утрински часови вчера при колизија со возилото.
Силниот дожд од невремето ги поплави патиштата и населените места, а предупредувања за поплави беа издадени низ целата земја.
Агенцијата за животна средина (ЕА) објави десетици црвени предупредувања за поплави, сигнализирајќи за непосредни поплави и ги повика жителите веднаш да дејствуваат за да ги заштитат своите имоти.
Населените места во западна Англија и југоисточен Велс и понатаму се изложени на висок ризик, а некои области се отсечени поради поплавените патишта.
Поплавените патишта и шутот и понатаму претставуваат опасност за возачите, а илјадници домови останаа без струја.
Жолтото предупредување за ветер останува на сила низ југоисточен Велс и Херефордшир и денес, при што властите апелираат на претпазливост на луѓето во погодените региони.
Британскиот секретар за енергетика, Ед Милибанд, за прекините на електрична енергија преку социјалните мрежи, рече: „Моите мисли се со сите граѓани погодени од бурата Берт. За оние кои немаат електрична енергија, мојот оддел ќе биде во близок контакт со енергетските компании, кои се обидуваат што е можно поскоро да ја вратат, и да им помогнат на погодените.“