Safiye Karabacak
19 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
ГАЗА (АА) - Почина уште еден Палестинец, кој беше ранет на протестите по должината на границата на Појасот Газа со Израел, откако беше ранет од страна на израелските војници, кои, со цел да ги задушат протестите, употребија и вистински куршуми врз демонстрантите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение што го објави Министерството за здравство на Палестина, се наведува дека починал 21-годишен Палестинец, кој во понеделникот бил ранет на источната граница на бегалскиот камп „Џебалија“.
Ова е 65. жртва на израелските војници кои во обид да ги задушат протестите на 14 мај кои се одржаа по должината на границата со Газа, употребија и вистински куршуми. Во протестите кои продолжија и утредента, ранети се преку 3.000 Палестинци.
Утрово палестинското Министерство за здравство информираше дека починале уште две лица на 58 и 21-годишна возраст, кои во понеделникот беа ранети од израелските војници.
По Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп донесена на 6 декември 2017 година за префрлање на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, на датумот на 70-годишнината од објавувањето на Декларацијата за формирање на израелската држава, САД го искористија истиот датум за отворање на својата амбасада во Ерусалим.
Палестинците, истиот ден, по должината на границата на Појасот Газа со Израел протестираа против префрлањето на Американската амбасада во Ерусалим и во знак на одбележување на денот „Накба“ („Голема катастрофа“), кога по прогласувањето на израелската држава, започна егзодусот и прогонот на Палестинците од сопствената земја од страна на Израел.