Amir Latif Arain
29 Септември 2024•Ажурирај: 30 Септември 2024
АНКАРА (АА) - Во лизгање на земјиштето и поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд во последните три дена во Непал загинаа 112 лица, а 68 се водат како исчезнати, пренесува Анадолу.
Министерството за внатрешни работи на Непал потврди 99 загинати, 68 исчезнати лица и 100 повредени, објави „Катманду пост“. Со катастрофата особено е тешко погодена долината Катманду, со 48 загинати, 15 повредени, а 21 лице се уште се водат како исчезнати.
Спасувачките операции се во тек, а властите предупредуваат дека бројот на загинати може да се зголеми со продолжувањето на напорите.
Поплавите и лизгањето на земјиштето ги поплавија главните автопати, блокирајќи илјадници патници и исклучувајќи ги сите патни врски до Катманду, главниот град на државата. Стотици куќи и мостови се затрупани или однесени, раселувајќи голем број семејства.
„Ќе бидат потребни најмалку три до четири дена за расчистување на патиштата“, рече портпаролот на полицијата, Дан Бахадур Карки.
Вчера, 14 тела беа извадени од две возила затрупани при лизгањето на земјиштето во Јапле Хола во дисктриктот Дадинг, долж автопатот Трибхуван, витална рута што го поврзува Катманду со остатокот од земјата.
Властите наложија тридневно затворање на училиштата, и ги одложија сите испити на универзитетите закажани до вторник.