Murat Özgür Güvendik
13 Јули 2021•Ажурирај: 14 Јули 2021
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Бројот на лица кои го загубија животот во насилствата и грабежите во Јужноафриканската Република по апсењето на поранешниот претседател Џејкоб Зума се искачи на 45, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дејвид Макура, премиерот на покраината Гаутенг, соопшти дека денес уште 10 лица го загубиле животот во случувањата во Совето, Јоханесбург.
Макура изјави дека со новите смртни случаи, бројот на луѓе кои ги загубиле своите животи во Гаутенг од почетокот на немирите се зголемил на 19.
Во Гаутенг приведени се 400 лица за кои е откриено дека се поврзани со случувањата.
Сихле Зикалала, претседателот на покраината КваЗулу-Натал, на прес-конференција изјави дека во покраината досега животот го загубиле 26 лица од кои најголем дел починале во стампедо за време на грабежите.
Со тоа, вкупниот број на луѓе кои ги загубија животите во покраините во Гаутенг и КваЗулу Натал во Јужноафриканската Република се зголеми на 45.
- Демонстрациите се претворија во немири -
Протестите што започнаа на 9 јули со барање за помилување на поранешниот претседател Зума, кој беше осуден на 15 месеци затвор, брзо се претворија во насилни немири.
Голем број продавници и деловни објекти беа ограбени во градовите Дурбан и Питермарицбург во покраината КваЗулу Натал и во градот Јоханесбург.
Претседателот Зума се соочува со 16 обвиненија за корупција, рекетирање, измами, затајување данок и перење пари.
На 29 јуни од страна на Уставниот суд осуден е на 15 месеци затвор за непочитување на судот. Зума и покрај тоа што се спротивстави на одлуката на судот, им се предаде на безбедносните сили на 8 јули.