Pizaro Gozali Idrus
01 Април 2021•Ажурирај: 03 Април 2021
ЏАКАРТА
Бројот на луѓе што ги загубија своите животи како резултат на вооружената интервенција на безбедносните сили врз протестите против воениот удар се искачи на 536, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Синоќа имаше истрели од огнено оружје, а според наводите, двајца мажи се застрелани од силите на хунтата кога воените возила беа блокирани на патот што води кон градот Калај од градот Гантгав, во регионот Магве“, соопшти Организацијата за помош на политички затвореници во Мјанмар (AAPP).
Независната непрофитна организација е основана од поранешни бурмански политички затвореници кои живеат во егзил.
Групата соопшти дека Коалицијата на етнички вооружени групи дала изјави против државниот удар, што довело до судири во некои региони, вклучувајќи ги државите Качин и Каин.
„Жителите се принудени да бегаат од своите домови, а некои беа повредени, па дури и убиени“, се вели во соопштението.
Во меѓувреме, претставникот на ОН за Мјанмар побара од Советот за безбедност да интервенира во ескалацијата на кризата, предупредувајќи на ризик од граѓанска војна и на непосредно крвопролевање, додека хунтата ги потиснува демонстрациите.
Демонстрантите ги полнат улиците во Мјанмар речиси два месеца против преземањето на војската и притворањето на Аунг Сан Су Чи, поранешната државна советничка и други лидери на нејзината партија Национална лига за демократија, која извојува убедлива победа на изборите во ноември 2020 година.
Одговорот на безбедносните сили беше брутален со застрелување на цивилите, претепувања, притвори, како и ноќни рации.