Sümeyye Dilara Dinçer
22 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
ЧИЈАНЏУР (АА) - Бројот на загинати во земјотресот во Индонезија се искачи на 268, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот центар за геолошки истражувања (USGS) во понеделникот соопшти дека земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала е регистриран на 18 километри југозападно од градот Цирањанг.
Земјотресот е почувствуван во главниот град Џакарта и во други региони, меѓу кои Ранчаекек, Јужен Тангеранг и Депок.
Регионалните власти за „Си-ен-ен“ потврдија дека бројот на загинати се зголемил на 268, дека се срушени околу 22.000 станбени објекти, како и дека околу 58.000 жители се евакуирани од регионот.
Гувернерот на Западна Јава, Ридван Камил, во изјава за новинарите изјави дека повеќето од оние што ги загубиле животите се деца.
Британската хуманитарна организација „Спасете ги децата“ изјави дека повеќе од 50 училишта се погодени од земјотресот и дека силното тресење на земјата го отежнува бегството на учениците од зградите.