Rania R.a. Abushamala
10 Март 2024•Ажурирај: 11 Март 2024
ГАЗА (АА) - Бројот на починати од неисхранетост и дехидрација во Појасот Газа се зголеми на 25, по смртта на уште две жртви, од кои едно дете, објави вчера Министерството за здравство во Газа, известува Анадолу.
„Двомесечно женско бебе почина во болницата Камал Адван во северниот дел на Газа поради неисхранетост и дехидрација, а 20-годишно лице почина во медицинскиот комплекс Ал-Шифа“, се вели во соопштението на Министерството на палестинската енклава.
Објавената бројка на починати од неисхранетост и дехидрација ги одразува само оние кои стигнале до болниците, се вели во соопштението.
„Зголемениот број на починати поради неисхранетост и дехидрација е крајно загрижувачки и потврдува дека гладот во Северниот дел на Газа достигна смртоносно ниво“, се додава во соопштението.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Оттогаш се убиени најмалку 30.960 Палестинци, а 72.524 други се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи. Повеќе од 2,3 милиони жители се раселени, а многумина гладуваат среде хуманитарната катастрофа што се зголемува.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.