Ayhan Mehmet
16 Јуни 2023•Ажурирај: 18 Јуни 2023
КОМОТИНИ (АА) - Се тврди дека екипи на грчката крајбрежна стража што досега од морето ги извлекоа безживотните тела на 78 лица од превртениот рибарски брод во подрачјето на Пелопонез, претходно се обиделе бродот да го потиснат кон италијанските територијални води, известува Анадолу.
Алексис Ципрас, лидерот на грчката радикална левичарска алијанса (СИРИЗА), вчера го посети пристаништето Каламата, каде што беа пренесени спасените мигранти, со цел да се информира за инцидентот.
Ципрас, кој им се обрати на новинарите по посетата, рече дека мигрантите што го преживеале инцидентот му ги пренеле тие тврдења.
Истакнувајќи дека тој не е овластен да ги потврди овие наводи, Ципрас рече: „Прашањата што ги поставувам се од клучно значење. Политички се однесуваат на нашите вредности, на политиката на Фронтекс и ЕУ и во исто време на политиката што нашата земја ја води во последните четири години.“
Ципрас нагласи дека властите треба да одговорат на прашањата од типот „Кои се протоколите што им овозможуваат на надлежните служби кои забележувајќи дека брод е подготвен да потоне со над 700 луѓе во него, наместо да се обидат да ги спасат луѓето, му дозволиле на бродот да ја продолжи својата маршрута.“
Тимовите на крајбрежната стража, кои беа критикувани дека не реагирале благовремено, изјавија дека понудите за помош биле одбиени.
Несреќата се случи на 14 јуни, на оддалеченост од 47 наутички милји (околу 87,1 км) од Наварино на Пелопонез, кога рибарски брод со нерегуларни мигранти се преврти во меѓународните води.
Во инцидентот животот го загубија 78 лица, 104 лица беа спасени и донесени во пристаништето Каламата.
Грчката крајбрежна стража соопшти дека од спасените мигранти 47 се сириски, 43 египетски, 12 пакистански и двајца се палестински државјани.
Според невладината организација „Alarm Phone“, на бродот имало околу 700 луѓе.
Акциите за пребарување и спасување се во тек. Постои загриженост од страна на експертите дека е можно бројката на загинати да расте.