Ahmet Gürhan Kartal
10 Март 2022•Ажурирај: 11 Март 2022
ЛОНДОН
Британската Влада денеска објави целосно замрзнување на имотот и забрана за патување на седум руски олигарси, меѓу кои и сопственикот на фудбалскиот клуб Челси, Роман Абрамович, додека војната на Москва против Украина продолжува, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Министерката за надворешни работи, Лиз Трас, денеска објави целосно замрзнување на имотот и забрана за патување на седум најбогати и највлијателни руски олигарси, чии деловни империи, богатство и врски се блиску поврзани со Кремљ“, се наведува во соопштението.
Се наведува дека олигарсите, чиј вкупен имот е во вредност од околу 15 милијарди фунти (19,7 милијарди долари), се санкционирани во согласност со напорите на Велика Британија да го изолира рускиот претседател Владимир Путин.
„Забрането им е да патуваат во оваа земја и ниту еден државјанин или компанија на Велика Британија не смее да работи со нив“, се додава.
„Меѓу оние кои Велика Британија ги санкционира, овој пат е и Роман Абрамович, сопственикот на клубот Челси, чиј имот вреди повеќе од 9 милијарди фунти и водечкиот индустријалец Олег Дерипаска, чиј имот вреди 2 милијарди фунти и извршниот директор на „Роснефт“, Игор Сечин“, се наведува во соопштението.
„Уште една група руски олигарси блиски на Путин се, исто така, санкционирани“, се наведува во соопштението.
Меѓу санкционираните се наоѓаат и Андреј Костин, претседателот на банката ВТБ, Алексеј Милер, генералниот директор на енергетската компанија „Гаспром“, Николај Токарев, претседателот на руската државна гасоводна компанија „Транснефт“ и Дмитриј Лебедев, претседателот на Управниот одбор на банката „Раша“.
„Не може да има безбедни засолништа за оние кои го поддржаа жестокиот напад на Путин врз Украина“, рече премиерот Борис Џонсон, додавајќи:
„Денешните санкции се најновиот чекор во непоколебливата поддршка на Велика Британија кон украинскиот народ. Ќе бидеме немилосрдни во гонење на оние кои овозможуваат убивање на цивили, уништување на болници и незаконска окупација на суверени сојузници.“
„Денешните санкции уште еднаш покажуваат дека на олигарсите не им е место во нашата економија или во нашето општество“, рече британската министерка за надворешни работи, Лиз Трас.
Велика Британија досега санкционира „повеќе од 200 најважни и најбогати руски поединци, ентитети и подружници по руската инвазија, а повеќе од 500 се опфатени во британската листа со санкции“.