Aslı Aral
04 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
ЛОНДОН (АА) – Сириската новинарка Заина Ерхаим, чиј пасош по налог на режимот на Асад беше конфискуван минатиот месец при влез во В. Британија, рече: „Многу е тажно една демократија како Британија, за која се смета дека ги почитува човековите права, да застане на страната на еден диктатор, наместо на страната на новинар“, јавува Anadolu Agency (AA).
Новинарката Ерхаим е позната по своите текстови во кои го критикува режимот на Асад, а живее во Турција. Таа во изјава за АА рече дека минатиот месец била поканета во В. Британија да одржи говор по повод нејзината награда „Индекс оф цензоршип“ (Index on Cencorship), во врска со слободата на говорот.
Ерхаим објасни дека на 22. септември, на аеродромот „Хитроу“ во В. Британија била испитувана од страна на надлежните органи, при што ѝ бил конфискуван пасошот. Таа забележа дека со изговор оти пасошот ѝ е украден, тој ѝ бил конфискуван, како и дека ѝ било кажано оти ќе биде испратена во Дамаск.
- „Британија се однесува кон овој режим, кој извршил многу злосторства, како да е легитимна влада“ -
Новинарката, која имала уште еден важечки сириски пасош, и покрај тоа што немала место за виза во него, била примена во Британија со овој пасош. Ерхаим од Британија заминала минатата недела.
„Не знам што ќе се случува по ова. Не можам со овој стар пасош да аплицирам за виза“.
Таа нагласи дека со пасошот што ѝ е конфискуван од страна на Британија, оваа година во април патувала во Лондон, како и во повеќе европски држави.
„Кога рекоа дека мораат да ми го запленат пасошот, се почувствував како да сум во држава што го поддржува режимот, ова е многу тажно. Многу е тажно една демократија како Британија, за која се смета дека ги почитува човековите права, да застане на страната на еден диктатор, наместо на страната на новинар. Британија се однесува кон овој режим, кој извршил многу злосторства, како да е легитимна влада“, продолжи во изјавата Ерхаим.
Во соопштението, пак, од Министерството за внатрешни работи на В. Британија стои: „Наш приоритет е безбедноста на нашите граници. Ако има пријава за една патна исправа дека е украдена/лажна, ние не можеме ништо друго да направиме освен да ја заплениме“.
- „Зачудувачка ситуација“ -
По случајот со новинарката Ерхаим, четири институции коишто работат на слободата и изразувањето во медиумите се обединија, објавија извештај и упатија апел до Министерството за надворешни и Министерството за внатрешни работи на Велика Британија.
Во заедничката изјава на Новинари без граници, „Индекс оф цензоршип“, Арапско-британскиот совет за помирување и Институтот за мировно и воено репортерство, беше осудено конфискувањето на пасошот на новинарката Ерхаим: „Упатуваме апел до британската Влада, во име на заштитата на слободата на медиумите, да не ги прифаќа барањата од странските влади за казнување на новинарите, употребувајќи го системот на патни исправи“.
Директорката на институцијата „Индекс оф цензоршип“, која води кампањи во врска со слободата на медиумите, Џоди Гинсберг, рече дека е зачудувачка ситуацијата што Велика Британија, која секојдневно го обвинува режимот на Асад, ги исполнува неговите барања.
Директорот на Арапско-британскиот совет за помирување, Крис Дојл, во својот текст во врска со темата, поставувајќи го прашањето ’Зошто В. Британија конфискува пасоши за режимот на Сирија?’ напиша: „Обединетото Кралство конфискува пасош. Зошто? Затоа што сирискиот режим изјави дека пасошот е украден. Гледаме дека режимите што извршуваат воени злосторства можат да побараат конфискување на пасошите на граѓаните. Но, зошто британската Влада соработува? Ова е засрамувачки“.