Can Erözden
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) - Над 4.000 Сиријци се вратија во Џарабулус, населено место во близина на турската граница, изјави денес за Anadolu Agency (АА), претставник за локална миграција.
Шефот на регионалната канцеларија за миграции на Газиантеп, Октај Бахчеџи, рече дека бројот на Сиријци кои се вратиле во Џарабулус – од неговото ослободување од терористите на ДАЕШ кон крајот на август – достигна 4.055 лица.
Враќањето на жителите се случи откако Слободната сириска армија поддржана од турските сили ја презеде контролата врз градот Џарабулус во покраината Алепо, како дел од операцијата „Штитот на Еуфрат“, која започна на 24 август.
Турција соопшти дека воената операција е во насока на зацврстување на безбедноста на границите, за поддршка на коалициските сили и елиминирање на заканата од терористичките организации, особено ДАЕШ.
Операцијата е во согласност со правото на земјата на самоодбрана, кое произлегува од меѓународните договори и мандатот даден на турските вооружени сили од страна на турскиот Парламент во 2014 година, кој беше продолжен за уште една година во септември 2015 година.
Сирија се наоѓа во виорот на граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Асад со неочекувана свирепост ги разби продемократските протести – кои избија како дел од Арапската пролет.
Сирискиот центар за политички истражувања, невладина организација со седиште во Бејрут, проценува дека вкупниот број на загинати во петгодишниот конфликт изнесува над 470.000 лица.