Furkan Abdula
21 Март 2022•Ажурирај: 22 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, утрово учествуваше на работен појадок со шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската унија (ЕУ) што се организираше во Брисел под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Северна Македонија соопшти дека работниот појадок бил посветен на европското досие на Северна Македонија, а се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Се истакнува дека на средбата биле присутни и Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борељ и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.
„Оваа средба, која коинцидира со војната во Украина и случувањата од последните недели, го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратешките приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење на одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан“, истакнал Османи, се наведува во соопштението.
Во овој контекст, Османи додадал дека Северна Македонија како кредибилна земја-кандидат, 100% се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија, но и понуди хуманитарна помош и ги отвори вратите за засолниште на сите што бегаат од страшната војна во Украина.
Во соопштението се нагласува дека на појадокот, министрите изразиле силна поддршка за лидерството во Северна Македонија, која според соопштението, недвосмислено и посветено работи на исполнување на европската реформска агенда и на добрососедските односи, со што земјата е препознаена како веродостоен партнер, која ги почитува европските правила, стандарди и вредности.
„Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки, да изгради консензус, а ние покажавме дека стопроцентно стоиме зад овие одлуки“, заклучи Османи, се вели во соопштението.
Според информаициите наведени во соопштеното, во дискусијата преовладувало мислењето дека одлуката за одржување на првите меѓу-владини конференции и отпочнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, за време на француското претседателство со ЕУ би била правилна и правична работа со многу позитивни ефекти за целиот регион.
„Оваа средба беше одлична можност Османи да се сретне и да размени мислења со повеќето шефови на дипломатии од земјите членки на Унијата, а имаше и одвоена билатерална средба и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. Во текот на денот предвидено е негово обраќање на АФЕТ во Европскиот парламент, средби со повеќе европратеници, со групата „Пријатели на Северна Македонија“ и со неколку високи претставници во институциите на ЕУ“, се истакнува во соопштението.