Mustafa Talha Öztürk
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
БЕЛГРАД
Тела на 10 жртви од војната се пронајдени во масовна гробница во Босна и Херцеговина претходно оваа година, објавија властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Посмртните останки беа откопани во масовна гробница што беше пронајдена овој јули во близина на градот Калиновик, во близина на Сребреница, според Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина.
Емза Фазлиќ, портпаролка на организацијата, рече дека ќе се направат ДНК-тестови за да се идентификуваат жртвите на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година.
- Геноцид во Сребреница
Илјадници тела беа закопани во масовни гробници или оставени во шуми откако силите на босанските Срби ја нападнаа Сребреница и убија повеќе од 8.000 босански муслимани, мажи и момчиња.
Српските сили се обидуваа да им ја одземат територијата на босанските муслимани и Хрвати за да формираат држава.
Во пролетта 1993 година, Советот за безбедност на ОН ја прогласи Сребреница за „безбедна област“. Меѓутоа, трупите предводени од генералот Ратко Младиќ - кој подоцна беше прогласен за виновен за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид - ја прегазија зоната на ОН.
Холандските мировни трупи не успеаја да дејствуваат додека српските сили ја окупираа областа, убивајќи околу 2.000 мажи и момчиња само на 11 јули.
Околу 15.000 жители на Сребреница побегнале во околните планини, но српските војници фатија и убија уште 6.000 луѓе.
Телата на жртвите се пронајдени на 570 места во земјата.
Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека во Сребреница бил извршен геноцид.
На 8 јуни 2021 година, судиите на Трибуналот на ОН ја потврдија пресудата со која Младиќ е осуден на доживотен затвор за геноцид, како и за прогон, злосторства против човештвото, истребување и други воени злосторства во Босна и Херцеговина.