Ahmet Gürhan Kartal
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон синоќа го преживеа предизвикот - гласањето за недоверба од неговата Конзервативна партија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Џонсон ја доби поддршката од 211 Ториевци, додека 148 гласаа против него на гласањето што беше активирано утрото со соопштение од Комитетот 1922., како што е позната парламентарната група на Конзервативците во Долниот дом на Парламентот.
Гласањето кое ја стави во прашање лидерската позиција на Џонсон дојде откако писмата од побунетите конзервативни пратеници го преминаа прагот од 54 - односно 15% од вкупниот број - за да стигнат до Сер Греам Брејди, претседател на Комитетот.
Во обраќањето до пратениците од неговата партија пред гласањето Џонсон рече дека му е „драго што ова гласање конечно се одржува бидејќи имаме шанса да ставиме крај на медиумскиот фокус кон раководството на Конзервативната партија“.
„И ако вечерва ми ја дадете вашата поддршка, имаме шанса да престанеме да зборуваме за себе и да почнеме да зборуваме исклучиво за она што го правиме за народот на оваа земја“, рече Џонсон.
Тој ги отфрли неодамнешните повторно разгорени контроверзии околу Брегзит како „пеколна дебата за заслугите на припадноста кон единствениот пазар што ги покрена прашањата што ги решивме пред две и пол години“.
- Голема опозиција -
Сепак, и покрај преживувањето на гласањето, Џонсон доби голем удар за своето раководење, при коешто што 148 негови пратеници кажаа дека сакаат нов лидер на владејачката партија.
Тереза Меј, претходничката на Џонсон во Даунинг стрит 10, мораше да поднесе оставка како лидерка на партијата и премиерка само шест месеци откако преживеа слично гласање за недоверба во кое 133 пратеници гласаа против неа поради парламентарниот ќор-сокак околу Брегзит.
Вообичаено, Џонсон не може да биде ставен на нов тест од ваков вид од страна на неговите сопартијци една година, но побунетите пратеници може да дејствуваат против неговите законодавни потези во Долниот дом за да го принудат да си замине.
Лидерот на Лабуристичката партија Кир Стармер не губеше време и побара од Џонсон да поднесе оставка по гласањето. Стармер во телевизиска изјава рече дека „изборот во британската политика е појасен вечерва од кога било досега“, додавајќи дека Конзервативната партија сега е поделена.
Џонсон е „целосно неподобен за функцијата што ја има“, додаде Стармер.
Британскиот премиер со месеци се соочува со остри критики поради забавите на Даунинг стрит за време на карантинот поради Ковид-19, а лошиот настап на партијата на локалните избори на 5 мај, исто така, поттикна шпекулации дека може да ги загуби следните општи избори.