Khalid Mejdoup,Muhammed Semiz
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
РАБАТ (АА)
- Халид МЕЏДУБ
Нерегуларниот мигрант Мухамед Исмаил од Судан погоден е со гумен куршум во стапалото и стомакот во инцидент во кој голем број мигранти загинаа на границата на Мароко и Шпанија на 24 јуни, при обид да ја преминат границата во шпанската енклава Мелиља.
Исмаил за Агенција Анадолија (АА) зборуваше за тешкото патување од својата татковина Судан до границата во Мелиља, надевајќи се дека ќе премине во Европа и таму ќе пронајде работа.
Сепак, во инцидентот што се случи на мароканско-шпанската граница во Мелиља утрото на 24 јуни, околу 1.500 нерегуларни мигранти од мароканската страна се упатија на граничниот премин опкружен со бодликава жица висока 10 метри. Исмаил во таа прилика е погоден со гумен куршум во стапалото и во стомакот.
Мароканската Влада објави дека во инцидентот животот го загубиле 23 мигранти, а повеќе од 100 се повредени.
– Престојувал во голем број градови
Исмаил рече дека во Мароко пристигнал пред 6 месеци и се населил во Казабланка откако претходно престојувал во голем број градови.
Тој раскажа дека откако не можел да најде работа, одлучил да премине во шпанската енклава Мелиља.
Неколку пати самостојно се обидувал да премине во Мелиља, но безуспешно, а последниот пат се обидел да ја премине границата со поголема група нерегуларни мигранти.
„Причината поради која сакав да преминам во Мелиља беше да најдам работа, а потоа и да одам за Шпанија“, рече Исмаил, кој е погоден со гумен куршум во инцидентот што настана на 24 јуни, во кој животот го загубија голем број мигранти.
– Погоден е со гумен куршум во стапалото и во стомакот
Исмаил особено ја критикуваше реакцијата и постапките на полицијата.
„Откако полицијата интервенираше, мигрантите се обидоа да им се спротивстават и да преминат во Мелиља, но тогаш работите се искомплицираа. Сигурен сум дека мигрантите не користеа насилство“, рече Исмаил.

Тој додаде дека во тој инцидент добил куршум во стомакот и стапалото, додавајќи дека поголем број од загинатите се Суданци и дека е многу тажен за загубата на човечки животи.
По инцидентот Исмаил е одведен во Бени-Мељал во централниот дел на Мароко, кој е оддалечен 600 километри од градот Мелиља.
„Не знам зошто сум протеран во Бени-Мељал“, рече Исмаил.
Во градот Бени-Мељал има голем број нерегуларни мигранти, од кои некои се лекуваат во болниците.
По инцидентот, мароканската власт префрли голем број нерегуларни мигранти во разни градови од земјата, со цел да ги оддалечи од подрачјето на Мелиља.
Меѓутоа, нерегуларните мигранти повторно се враќаат во пограничното подрачје на Мелиља со надеж дека ќе преминат во Европа.
Мелиља е шпанска енклава, сместена на брегот на Средоземното Море во северниот дел на Африка, опкружена од Мароко. Традиционално сметана како дел од Андалузија, од историски причини, Мелиља беше составен дел на шпанската автономна провинција Малага сè до 14 март 1995 година, кога го усвои статутот на автономија, и како и Сеута стана автономен град.