Hakan Çopur
15 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен на средбата со полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау, ги обвини белоруската администрација и Москва за мигрантската криза на полско-белоруската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нед Прајс, портпаролот на американскиот Стејт департмент даде писмено соопштение во врска со телефонскиот разговор помеѓу Блинкен и Рау.
Во соопштението се наведува дека Блинкен отворено истакнал дека САД ги обвинуваат белорускиот претседател Александар Лукашенко и Русија за мигрантската криза на полско-белоруската граница.
„И покрај тоа што активностите на режимот на Лукашенко ја загрозуваат безбедноста во регионот и поттикнуваат разединетост, тие имаат за цел да го одвлечат вниманието од чекорите на Русија на украинската граница“, се нагласува во соопштението.
Блинкен исто така предупредувајќи дека санкциите од Западот против оваа земја и Русија би можеле да се зголемат, навел дека Белорусија „ги користи мигрантите за свои цели“.
- Криза на полско-белоруската граница
Во својот говор на 6 јули, Лукашенко, потсетувајќи на процесот за суспендирање на Договорот за реадмисија со ЕУ, рече дека по ставовите на Западот кон Русија и Белорусија, тие веќе не можат самите да ги преземат луѓето што бегаат од војните.
Нагласувајќи дека нема да ги задржат бегалците што доаѓаат во Белорусија за да одат во Европа, Лукашенко додаде: „Оние кои мислат дека ќе ги затвориме границите со Полска, Литванија, Латвија, Украина и ќе станеме „населено место“ за бегалците од Авганистан, Иран, Ирак, Либија, Сирија и Тунис, грешат. Ние нема да задржиме никого. Тие не доаѓаат кај нас, тие одат во просветлена, топла, удобна Европа.“
ЕУ ја обвинува белоруската администрација дека „ја користи нерегуларната миграција како алатка и дека се обидува на овој начин да ја дестабилизира Унијата“, со испраќање мигранти од земји како што е Ирак до границите на земјите на ЕУ, Полска, Литванија и Латвија.
Поради кризата што настана на полско-белоруската границата, во последните 2 месеци животот го загубиле околу 10 лица. Мигрантите кои се заробени меѓу двете земји се борат да преживеат под тешки, студени временски услови и глад.