Ekipa
24 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
ЛОНДОН (АА) - Терористичката организација ДАЕШ ќе биде поразена доколку во копнена офанзива се вклучат и војските на западните сили, изјави поранешниот британски премиер Тони Блер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Блер истакна дека само со воздушни напади не може да се поразат милитантите на ДАЕШ, порачувајќи дека наместо тоа „силите мора да водат соодветна копнена офанзива против нив” со помош на британските, американските и останатите западни сили.
„Оружените сили на Америка, Велика Британија, Франција и другите големи сили имаат искуство и способност, па дури и ако ги користиме за помош на локалните сили. Вие само мора да решите која е нашата цел. Дали нашата цел е поразување на непријателот? Мојот одговор е да”, порача Блер во обраќањето во текот на расправата за надворешната политика во Лондон.
Јавноста околу одлуката на Блер за придружувањето на Велика Британија во воената интервенција која ја предводеа САД во Ирак во 2003 година и понатаму е длабоко поделена. Медиумите пренесуваат дека Блер веројатно ќе биде критикуван во долго одложуваниот извештај за војната во Ирак и по неа, кој ќе биде објавен во јули.