Ekipa
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
БЕРЛИН (АА) - Билансот на загинати во најголемите поплави што ја имаат зафатено Германија во изминатите 200 години се искачи на најмалку 42, а десетици лица се водат за исчезнати, објави германскиот неделник ФОКУС, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според властите, најмалку 20 лица загинале во подрачјето околу западниот град Ахрвејлер, со оглед на тоа што западните покраини Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија се најсилно погодени од невообичаено силното невреме и поплавите.
Степенот на предизвиканата штета и целокупната ситуација во погодените области и понатаму не е целосно позната бидејќи спасувачите и понатаму се обидуваат да се справат со поројните дождови што донесоа 148 литри дожд на метар квадратен за 48 часа.
За спасување на жителите заглавени на улиците, дрвјата и покривите се користеа хеликоптери.
Стотици војници се распоредени во регионот за да помогнат во спасувачките напори.
Селата и малите градови во западните и југозападните делови на земјата се отсечени од надојдената вода и свлечиштата.
Исто така, има јавувања и за многубројни грабежи, бидејќи жителите се евакуирани од своите домови во поплавените зони.
Властите во Рајнската област-Пфалц предупредуваат дека очекуваат нивото на водата во реките Рајна и Мозел да се покачи со дополнителните врнежи од дожд.
Има големи прекини на електричната енергија поради што над 200.000 домаќинства се без електрична енергија.